Која е улогата на Донбас во иднината на Украина? Опсервер: Која е улогата на Донбас во иднината на Украина? | opserver.mk
Секој украински политичар е подготвен да изјави дека „ние не тргуваме со територии“.
Теоретски овие зборови треба да нѐ смируваат. Тие мора да нѐ убедат во тоа дека Киев нема да се согласи со прекројување на границите. Дека секаква можност за враќање на сино-жолтото знаме на окупираните територии е приоритет. Но токму во таквите изјави нема ништо смирувачко. Барем затоа што, благодарение на хибридната војна, Украина повеќе не е хибридна држава. Секогаш постои искушение да се почне измислување на своето минато од гледиште на сегашноста. Во ретроспектива да се исправуваат аглите, да се израмнуваат патиштата, да се ублажуваат противречностите. Но предвоената Украина можеше да се пофали со сѐ освен со суверенитет. Во 1991 година Украина стекна независност не поради нејзините активни напори. Димензиите на нејзиното национално-ослободително движење не можат ни да се споредат со тие што постоеле во Полска или Литванија. Тие земји сакале да избегаат од затвор за да добијат сопствена независност. За разлика од Украина, која слободата ја доби само затоа што затворот се распадна. Можеби токму затоа следните 23 години од постоењето на земјата беа ера на хибридна независност. Она што се добива бесплатно се вреднува многу помалку од она што е освоено самостојно. Во текот на две постсоветски децении земјата беше заглавена во така наречено „меѓувреме“, обидувајќи се да ја дефинира смислата на своето постоење. „Неутралност“. „Мултивекторност“. „Мост помеѓу Европа и Русија“. Главната поента на украинскиот избор се состоеше во откажување од изборот. Во одржувањето на својата „приграничност“, „транзитност“, „хибридност“. 2014 година за Украина стана токму онаква каква што требаше да биде 1991-та. Година на победа на востанието. Година на инвазија. Година кога започна историјата на вооружена борба за сопствена слобода. Москва самата стави крај на историјата на украинската „мултивекторност“. Со присилување на земјата да одговара на сакрални прашања. Со натерување да ги пресече гордиевите јазли и да донесе одлука. Поранешната рамнотежа беше нарушена – и тоа ѝ овозможи на Украина да започне вистинска украинизација. А главното достигнување на последните години стана суверенитетот. Украина го стекна правото сама да ја одредува сопствената иднина. Да не усогласува учебници по историја со руските политичари. Да не се обрнува назад на извикувањето на Москва и да не слуша гласови што доаѓаат од Кремљ. Класичен пат кој секоја колонија го поминува во моментот на збогување со метрополата. Украина тргна на овој пат подоцна од западните соседи, но подобро доцна отколку никогаш. И кога украинските политичари уверуваат дека нивен приоритет е територијалниот интегритет, тоа звучи доволно загрижувачки. Затоа што руската инвазија на Донбас тоа не е војна за територија. На Москва не ѝ требаат источните региони на Украина, ѝ треба целата поранешна советска република. Контролирана, споредна, во улога на бафер. Главната задача на Кремљ е да му го предаде Донбас на Киев во улога на тројански коњ. За тој да служи во својство на поводник за украинскиот суверенитет. За формалното потчинување на регионот на Киев да биде компензирано со вистинската контрола од страна на Москва. Доколку Украина навистина ќе реши да го врати Донбас, таа ќе може тоа да го постигне прилично брзо. Доволно е да му се даде автономија на регионот. Да се легализираат милитантите преку амнестија и избори. Москва ќе ја предаде контролата на границата на своите штитеници и ќе го задржи своето влијание во регионот. И доколку „приоритетот“ се „границите“, тогаш политичарите ќе ни известат за „историскиот излез од ќорсокакот“. Иако тие прикриваат каква цена ние ќе ја платиме за тоа. Целата сегашна војна се води не за територија, туку за суверенитетот. Можеби некому му се чини дека линијата на фронтот е отскочна даска за ослободување на Донбас. Но, се додека Русија продолжува експанзија, поправедно е фронтот да се нарекува „одбранбена линија“ чијашто задача е да стори сé што е можно за судбината на ЛДНР (самопрогласени непризнаени Луганска и Донечка Народни Републики) да не го снајде Харков или Одеса. Ако Москва ќе увиди можност да го замени окупираниот исток за контрола врз цела Украина, таа веднаш ќе го стори тоа. Истовремено ќе се ослободи од санкциите, статусот на изопштеник и титулата „закана за светот“. Ако приоритет за Киев ќе биде враќање на териториите по секоја цена, тој наскоро ќе се врати на своето хибридно минато. Во кое, згора на сѐ, нема да го има Крим. Наместо то ќе има свој политички „Чернобил“, со кој Москва ќе ги уништува перспективите на Украина. Суверенитетот е поважен од територијата. Токму тој треба да биде контролна вага на која Киев ќе ја мери цената на каква било спогодба. Токму за суверенитетот се бори Украина во последните години. И токму него Москва се обидува да го поништи низ историјата на независноста на земјата. Украина нема ниту една причина да се откажува од Донбас и Крим. Но, исто така, нема причина да се согласува на механичка реинтеграција ако Москва за возврат ќе бара од неа да се откаже од иднината на земјата. Автор Павло Казарин
Опсервер: Која е улогата на Донбас во иднината на Украина? | opserver.mk